Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика сите земји да не ги олабавуваат епидемиолошките мерки, бидејќи со тоа ги гаснат надежите што ги донесе вакцината, додека коронавирусот и натаму беснее низ многу држави.
Ова предупредување доаѓа во време кога програмата Ковакс, воспоставена за поправедна дистрибуција на вакцини против Ковид-19, неделава конечно го имаше почетокот на кампањата за вакцинација во земјите кои досега ја немаа.
Ова е напредок што влева надеж, но бројот на дози дистрибуирани преку Ковакс е се уште релативно мал, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејсус.
Мајкл Рајан, шеф на програмата за итни операции на СЗО, смета дека се уште не е време да се релаксираме.
Јас сум навистина загрижен затоа што некои луѓе мислат дека најлошото е минато. Тоа не е точно. Ако не бидеме внимателни, можни се трет и четврт бран, предупреди тој на прес-конференција во Жeнева.
OhridNews