Откако во петокот во Европа беа регистрирани рекордни 58.873 случаи на коронавирус во еден ден, Светската здравствена организација – СЗО испрати сериозно предупредување пред доаѓањето на есента кога се очекува враќање на луѓето во затворени простории, а со тоа и поголемо ширење на заразата.
Време е да престане „ловот на фатаморгана“ и да донесеме тешки одлуки за да ги заштитиме најранливите категории и да им овозможиме на децата да одат на училиште, дури и по цена на жртви. – изјави портпаролот за кризни ситуации на СЗО Мајкл Рајан.

Што е поважно, враќањето на нашите деца на училиште или отворањето на ноќните клубови? – запраша Рајан
СЗО смета дека покачувањето на бројот на новодијагностицирани може да се должи на зголеменото тестирање и следење на случаите. Но, СЗО предупредува дека пандемијата во некои земји сега достигнала повисоко ниво отколку во март и април. Овој тренд загрижува дотолку повеќе што вирусот ги напаѓа сите возрасти, а со враќањето на децата во училиштата може да го забрза неговото ширење.
Училиштата не смеат да се затворат, освен во краен случај и на места каде има големо ширење на заразата. – вели првиот човек на СЗО Тедрос Гебрејесус.

Во извештајот на СЗО насловен како „Неорганизиран свет“ се истакнува дека актуелната пандемија е доказ за „колективната неспособност“ да се преземат и спроведат во пракса мерки за спречување на заразата. СЗО ги повикна државите да изградат системи и протоколи кои ќе можат ефикасно да одговорат на сличен здравствен предизвик во иднина. Се друго би имало катастрофални последици по животот кој го знаеме, како и по економијата која е сериозно разнишана од корона кризата.
Г.М.












