На самиот почеток на седницата, предлагачот, градоначалникот Александар Петрески ги повлече од дневен ред, со објаснување дека тоа го прави во интерес на граѓаните, а пред се поради неодамнешните реакции на политичките партии дека преку носењето на овие урбанистички решенија се врши деградација на градот.
Со тоа продолжува неизвесноста на триесеттината охридски семејства, чии имоти им беа вратени по пат на денационализација и се наоѓаат во строгиот центар на градот.
Како што тие велат, од вкупно 3. 000 метри квадратни, кои некогаш ги купиле нивните предци, преку денационализацијата, ним им се вратени 1. 600 метри квадратни.
– Не бараме ништо друго, освен сопственото земјиште и дозвола да ги изградиме нашите објекти.Тоа ни е завет од нашите предци кои го купиле ова место, во срцето на Охрид, вели Владо Дурацоски- претставник од засегнатите семејства.
Според координаторот на советничката група од ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски, повлекувањето на нацрт ДУП за Табана и Кеј претставува мала победа на советот, но голема за Охрид. Како што тој потенцира, на Охрид не му е потребна урбанистичка деградација.
– Плановите треба да претрпат одредени измени. Добро е што дојде до повлекување од денешната седница за да се остави простор за стручна ревизија на нацрт плановите, затоа што сметаме дека овие урбанистички решенија, во одредени делови, имаат сериозни нарушувања во однос на урбанистичкиот изглед на Охрид, рече Пановски.

За денес повлечените точки за просторот Табана и Кеј, како што е најавено, ќе се расправа на наредната седница на советот.












