Имено оваа одлука е донесена на седница пред повеќе од една година, а треба да стапи во сила на први април 2007. Сите такси возила треба да бидат бојадисани во сино – бела комбинација (сини хауба и задна врата – гепек, а остатокот бела боја). Со ова такси возилата би добиле специфика, би се двоеле од приватните возила, полесно би биле забележани од патниците, дури во извесна смисла ќе добијат на „дигнитет“. Фино. Тогаш зошто толку големо несложување со одлуката?!

„80% од таксистите во Охрид се противат на одлуката за пребојадисување на возилата,“ вели Менде Стојаноски (слика горе) од компанијата „Моби Дик“. „Ова е волја на поединци, конкретно Иво Тасески и Сашо Донески, сопственици на такси – компании кои наметнаа мислење и кај Зоран Шикалоски од секторот за сообраќај. Не е дојдено до фарбањето, проблемите на таксистите се многу побројни и поголеми. Инспекциските служби прво треба да се справат со нелегалните таксисти кои ни го земаат лебот на нечесен начин. Ние плаќаме давачки, тие не,“ додава тој.
За да може да се обавува такси дејност, потребна е лиценца која содржи бројни правила и обврски што треба сопственикот да ги исполни. Нпр. погодност на возилото за такси, мора да е со 4 врати, потоа обврска за вонреден технички преглед секои шест месеци, возилото мора да гласи на фирма, возачот да е осигурен и да има лекарско уверение итн.

Како и дали одлуката за пребојадисување ќе се спроведува, објаснува началникот за сообраќај, Зоран Шикалоски:

Од пред неколку дена испратени се писма до сите такси компании за да се усогласат барањата од одлуката до први април. Освен бојата, таксистите ќе мора да имаат баждарен таксиметар, возењето ќе почнува со заштитна цена од 30 денари до еден километар, а секој нареден ќе чини 25 денари.“ вели Шикалоски. „Непочитување на пропишаните правила може да доведе до одземање на лиценцата. Одлуката може да ја смени само тој што ја донесе – Советот“ додава тој.

Направивме мало „тест – возење“, поточно две, и се уверивме во нееднаквоста (ајде на боите, тоа се гледа од авион) туку што е поважно и на цените. Кај еден превозник почетната цена беше 30 денари, а само половина час подоцна кај друг „стартот“ беше 10 денари.
С. Костоски











