Голем дел охриѓани и туристи се жалат дека повеќето таксисти во строгиот центар не превезуваат патници на кратки релации. Иако локалната самоуправа и надлежните направија напори за решавање на овој проблем, очигледно дека сликата од минатото се повторува.
„Деновиве во Охрид, одредени таксисти не превезуваат патници на пократки релации. Прашуваат до каде и нудат „солени“ цени. Можете да се уверите во тоа во текот на вечерните часови. По мене, за разлика од лани има промена на односот на таксистите, но сепак кога градот е полн сликата од минатото се повторува. Мора надлежните да излезат на терен и да преземат соодветни мерки.“ – вели револтиран охриѓанец.
Неодамна секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, го потенцира проблемот околу одбивањето на таксистите во екот на летната сезона да превезуваат на пократки релации, истакнувајќи дека најголемиот број поплаки доаѓаат токму од охриѓани.
„Таксистите да имаат предвид дека пред се, треба да имаат коректен однос кон жителите на Охрид, бидејќи од нив живеат преку цела година и превезувајќи ги, работаат рентабилно. Секој кој има потреба, доколку побара, треба да ја добие услугата, а таксистите се должни да ја извршат без разлика за која дестинација се работи. Доколку не ја дадат услугата, тоа значи дека немаат потреба од лиценцата за превоз, можат да ги вратат и ние ќе објавиме нови огласи, ќе ангажираме нови луѓе како таксисти кои ќе имаат потреба, едноставно, да работат.“ – изјави неодамна Спасески, додавајќи дека инспекциските служби работаат во две смени и се во постојана координација со МВР, УЈП и Пазарната иснпекција.
Дел од домашните туристи кои веќе недела дена престојуваат во Охрид, имаат забелешка дека цените за време на викендот се зголемени не само на плажите, туку и во угостителските објекти, рестораните и ноќните клубови.
„Пецивата и брзата храна кај дел од објектите се зголемени за околу десет отсто за разлика од пред неколку денови. Исти е случајот со дел од ноќните клубови, каде пијачките „незабележително“ се напумпани со цени. Сликата на плажите е подеднаква од минатите години.“ – вели прилепчанец кој престојува во Охрид.
Деновиве, првиот човек на градот, градоначалникот Никола Бакрачески, изјави дека под итно треба да се преземат мерки за подобрување на лошиот имиџ на Охрид, кој во моментов важи за туристички град со високи цени на угостителските услуги.
„Мое лично убедување е дека цените на угостителските услуги се повисоки и дека имаме недоволно изградени пакет аранжмани. Имиџот на Охрид во моментов е многу лош, јавноста и потенцијалните туристи сметаат дека цените на угостителските услуги се превисоки и ние мораме да го прифатиме предизвикот и да преземеме мерки и активности за подигнување на имиџот.“ – изјави пред неколку денови градоначалникот Бакрачески.