Тања Стојаноска активно се занимава со тенис повеќе од седум години, но подеднакво ја сака и кошараката. И двата спорта ја привлекуваат и “лежат“ и успева одлично да ги спои. Тања која годинава има успешна тениска сезона, во разговор за ОhridНews ги открива малите спортски тајни. Отворено зборува за натпреварувачките предизвици, за начинот на живот и потешкотитите со кои се соочува еден македонски спортист кој сака да има успешна кариера.


Тања Стојаноска

ON : Oд каде љубовта кон тенисот ?

Почнав да тренирам на 6 години во ТК “Охрид”. Кога бев помала тренирав со тренерот Ранко Крстевски, а по 2 години продолжив индивидуално да тренирам со тренерот Миливој Крстевски и мојот помал брат Стојан Стојановски, кој, исто така, постигнува забележителни резултати. Тренирам секојдневно по неколку часови. И тенис и кошарка. Уште кога бев малечка мечтаев да се занимавам со некаков спорт и еден ден да станам светски познат спортист. Случајно го избрав тенисот, бидејќи во тоа време тој беше единствен спорт кој обезбедува услови за тренинг во зима. Подоцна решив да продолжам да се занимавам  активно со него, бидејки љубовта да се игра тенис беше многу голема, раскажува Стојаноска.


Тренира тенис и кошарка секојдневно со часови

ОN : Досега си настапувала на голем број турнири, што на домашен терен, а што надвор од Македонија. Колку е тешко да се навикнеш на специфичниот ритам на живот кој го имаат тенисерките?

– Сум настапувала на многу турнири. Првенствено на домашен терен, а во последните години поминувам повеќе време на турнири надвор од Македонија. После многу години напорно тренирање секој ден и многу часови изминати на терен не е тешко да се навикнеш на таков начин на живот. Одрекувањата се навистина големи, но желбата за тренинг и успеси е поголема. Секако дека тоа не би можела да го постигнам без поддршка, најпрвин од фамилијата која ми ја дава најголемата морална подршка и ги финансира сите мои спортски активности, на тренерот Миливој Крстевски од ТК „Охрид“ кој вложува голем напор во работата со мене и ме советува, а исто така и на училиштето бидејќи никогаш до сега не направило никаков проблем во однос на отсуствата. Од се’ срце им благодарам – вели Стојаноска.


И значи поддршката

ON : Каква тениска подлога повеќе ти одговара, каков  стил на игра повеќе сакаш да наметнеш? Покрај во сингл на турнирите се практикува и игра во двојки, има ли “дружба“ со соперничките?

– Повеќе ми одговара брза подлога, па затоа се трудам да наметнам напаѓачки стил на игра. Основното оружје ми е форхендот и речиси секогаш се трудам да го форсирам. На турнирите надвор од Македонија секогаш практикувам игра во двојки. Последните турнири кои ги одиграв надвор од Македонија ми донесоа добри резултати како во поединечна конкуренција така и во играта во двојки. Сопернички сме само на теренот, а надвор од него добро се дружиме и се забавуваме, појаснува Стојаноска.


На теренот соперник, надвор од него другар

ОN: Кој од тенисерите најмногу те привлекува, со кого би посакала еден ден да играш во двојки?

– Навивам за Ѓоковиќ, но секако огромен успех е ако успеам да играм со која било од најдобрите 100 светски тенисерки. Посакувам да заиграм “дубл“ со Ана Ивановиќ, додава Стојаноска.

ON : На кои се проблеми наидуваш за време на тренинзите и натпреварите?

– Најголем проблем е немањето услови за тренирање во ладниот период од годината. Се снаоѓаме во школските спортски сали во Охрид, но условите се крајно несоодветни за напредување. Во Охрид освен со мојот брат немам и со кого да спарингувам. Финансиите се на товар само на моите родители, и тренинзите, и опремата, и патувањата на натпревари, за разлика од другите земји, каде државата и спонзорите помагаат. А знаете се работи за исклучително скап спорт, посочува Стојаноска.


Изостанува конкретна поддршка за младите спортисти

ON : Покрај тенисот играш и кошарка, колку е интересно но и тешко да се практикуваат два спорта, каде се гледаш себе си во наредните неколку години?

– Двата спорта ги пратктикувам уште од мала возраст па и тоа ми станало навика. Искрено е тешко, но кога имам поддршка од околината се трудам да заборавам на таквите ситни нешта. Себе си се гледам како спортист, но тешко ми е да изберам бидејќи двата спорта ме привлекуваат и се надополнуваат, одговара со дилема Стојаноска.

Охриѓанката Тања Стојаноска планира паралелно да продолжи да ги “тера“ и двата спорта. Еден ден ќе донесе одлука за кој ќе се определи, а до тогаш сака да ужива во дружбата со портокаловата топка но и во убавините на белиот спорт.

Мирко Постоловски
Фото: Кирил Јорданоски