Директоката на Заводот и музеј – Охрид, Тања Паскали Бунташеска денеска на прес-конференција изнесе низа забелешки за  нацрт-деталниот урбанистички план за првата урбана единица и обвини дека  Заводот како институција, не бил поканет да учествува на вчерашната јавна расправа за ДУП-от.


„ Донесувањето на овој план е најголемата катастрофа што може да му се случи на Охрид. Скоро и да не постои локација каде не се предвидува некоја интервенција. Но постојат и објекти кои воопшто не се шрафирани во планот што значи дека на нив не треба да се прават никакви интервенции, а јасно е дека истите објекти добиле надградби од цели катови“, обвини директорката Паскали Бунташеска.

Според неа, со колегите од проектантската куќа „Полог“ кои го изработуваат планот и со локалната самоуправа се одржани низа состаноци на кои од страна на заводот е сугерирано да се отстранат недостатоците, но сепак, како што рече, до тоа не дошло.


„ Доколку се донесе овој план ваков каков што е испланиран, со сигурност тврдам дека дури тогаш Охрид ќе биде избришан од листата на светското културно наследство, поточно од УНЕСКО“, рече Тања Паскали Бунташеска.
Раководителот на секоторо за урбанизам во општина Охрид, Бранко Арнаудов со став дека интенциите на локалната не се Охрид да го изгуби ваквиот статус, туку, напротив да остане на листата на заштитени природни подрачја.


„Од страна на музејот во фазата на изработка на нацрт-планот беше побарано да се предвидат нови локации за сите сопственици чии куќи им се  уриваа за  реализација на  амфитеатарот. Кога се предвидоа новите локации, имаше забелешки од страна на заводот, и доколку тие остануваат на истиот став, нема ништо лошо, новите локации да бидат избришани“, изјави Арнаудов.

Тој подвлече дека, секторот за урбанизам ќе побара инвентаризација на просторот и за секој објекти посебно да се наведе во табеларниот дел од планот, дали има надградба или доградба.„ Овој план, по разгледувањето, и со новите забелешки, сигрен сум дека ќе оди на повторна јавна анкета“ додаде Арнаудов.


Од Заводот и музеј  најавија дека заедно со Управата за културно наследство ќе реагираат со поднесување приговор кон нацрт-планот и ќе ги употребат сите  мерки, овој план да се коригира и да се изработи  во интерес на градот.

А.Р.