Новата програма на СДСМ не е празна реторика туку чесен, реален добро осмислен и остварлив концепт за подобрување на животниот стандард и враќање на демократските општествени вредности  кои ќе и овозможат  европска и просперитетна иднина на Македонија, велат од општинската СДСМ.

– Досегашните политики на актуелната власт допринесоа  Република Македонија да е длабоко поделено општество по сите основи: економски, политички и етнички. Враќањето на основните принципи на демократијата преку враќање на моќта на граѓанинот, а со тоа и на демократските вредности, човековото достоинство , граѓанските слободи и владеењето на правото мора да станат наши приоритети. Иако, не можам да го надминам, горчливиот вкус на празни флоскули и многуте празни ветувања во изминативе години, ниту да си одговорам  на прашањето зошто токму сега во предизборна кампања се најавува изградбата на патишта, нови производни капацитети, странски инвеститори, илјадници проекти, кога цели 8 години владејачката гарнитура имаше можност за имплементација на овие програмски решенија.  После 8 години, народот знае дека навистина има разлика помеѓу празните ветувања и можноста за една поинаква реалност која сите ние ја заслужуваме, истакна на денешната прес конференција членот на Извршниот одброр на СДСМ од Охрид, Ѓоко Танасоски.

Тој додаде дека тоа се големи предизвици со кои треба да се соочиме, но  дека Македонија има сила, а после подолго време и можност за промени.

– Ставени сме пред избор меѓу сопствената слобода, човечкото достоинство и сето она што тоа не е. Верувам, дека ќе ја искористиме можноста, а секој лично и одговорноста за направениот избор зошто кој не сака да се избори за својата слобода, тој не заслужува ни да ја има. Секој е сам зад параванот. Сами одлучуваме како сакаме да изгледа државата денес, но уште поважно како да изгледа државата во која ќе живеат нашите деца утре. Гласањето  на изборите на 13 ти април, ќе не направи директни учесници во креирањето не само на нашата иднина, туку и иднината на нашите семејства и иднината на државата во која живееме, рече Танасоски.

Танасоски ги повика граѓаните на 13- ти април да гласааат за кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, затоа што, како што рече Танасоски, со Пендаровски за претседател политичките, културните, националните и други различности во Македонија ќе бидат предност, ќе се соедини енергијата на младите и искуството на возрасните и ќе се оди напред.

– Гласот за Стево е глас за обединување на сите граѓани во Македонија. Заеднички глас за промени. На чело на државата ни треба вистински претседател,  човек одговорен и чесен, човек од кого нема да се срамиме туку ќе се гордееме со она што ќе го направи. Потребен ни е претседател кој ќе обедини а не да дели, претседател кој нема да е понижен, бидејќи претседател на несреќни луѓе е неуспешен претседател. Победата на Стево Пендаровски ќе ги најави промените за нов почеток, рече Танасоски.  

Тој додаде дека како и пред секои избори, така и овој пат владеачката гарнитура на ВМРО ДПМНЕ и нејзините гласноговорници сакаат да прикажат една успешна приказна за Македонија, наспроти реалноста во која се живее.

OhridNews