Од општинската СДСМ уште еднаш ја потсетуваат јавноста на својата порака дека како најголема опозициона партија ќе даде конструктивен допринес и искрена заложба за организирање и спроведување на фер, демократски и регуларни избори.

– Излеговме со комплетен, чесен пристап пред граѓаните, добро осмислена и реална изборна програма, натпартиско решение за кандидат за претседател. Понудивме натпартиски листи во кои спротивно на досегашната пракса не е застапено раководството на партијата, со што сакавме да покажеме дека не е најважен личниот интерес, туку е интересот на граѓаните и на Македонија. Нашата намера беше да и се даде шанса на демократијата во Македонија, па дури и на власта, за да не посегне по системски контроли кои се случија во првиот изборен круг, рече кандидатот за пратеник од СДСМ Охрид, Ѓоко Танасоски.

Танасоски при тоа додаде дека овие избори ќе бидат запаметени со низата нерегуларности.

– Меѓу нив се низата притисоци и уцени на гласачите вработени во јавната администрација и во државните институции, поткуп на социјално ранливите категории граѓани, постоењето на фантомски гласачи што имаат адреса на живеење во Избирачкиот список, која во реалноста не постои, издадени лични карти на непостоечки адреси, закани кон акредитирани набљудувачи на невладини организации и претставници на политички партии дури и пред преставниците на изборните одбори, како и по срамното разобличување на власта и моралната општествена деградација, рече Танасоски.

Тој потенцира дека концептот на СДСМ е јасен: наместо во минатото ќе инвестираат во иднината, наместо во историја ќе инвестираат во образованието, наместо мегаломански проекти ќе инвестираат во здравството, наместо во мермер и бронза ќе инвестираат во инфраструктура.

–  Наместо криминалот и корупцијата ќе им даедме шанса на младите со подршка на нивните бизнис идеи и отворање на нови работни места, наместо
национализам и лажен патриотизам ќе градиме демократско и толерантно општество, рече Танасоски.

Тој упати порака до вработените во државната администрација, земјоделците, примателите на социјална помош, но и кон сите кои не го дале својот глас во првиот изборен круг, дека сега имаат можност да гласаат за промени, за нов почеток и подобра иднина. На граѓаните им порача да излезат и да гласаат онака како што мислат и чуствуваат  дека е најдобро за иднината на своите деца.

OhridNews