Победа се честита кога е освоена во фер борба, во име на прогресивни идеи, кога е постигната на чесен начин, кога има почит меѓу спротиставените страни за ставовите и правата и на неистомислениците. Но секако не, ако голем дел од нив лесно се откажале од своето мислење заради полтронство, се откажажале од сопствените идеали заради  лична корист, го напуштиле својот личен став заради партиско идолопоклонство, го продале својот глас за ситен бенефит или функција, рече на почетокот на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ Ѓоко Танасоски, одговарајќи на обвинувањата на владеачката партија дека не упатиле честитка по победата во првиот круг од изборите на кандидатот за претседател од ВМРО- ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов.

Танасоски истакна дека на претседателските избори на 13 ти април, над 320 000 граѓани се изјасниле за промени.

– Тоа се луѓето кои прават разлика и затоа сакаат промени. Тие се победниците на изборите, зошто не го продадоа своето достоинство, храбро застанаа зад своите принципи и и кажаа не на власта. Затоа, од срце им честитам  на сите храбри луѓе и на сите оние што направиле избор според своите лични убедувања, а останатите кога тогаш ќе треба, барем пред себе да ја понесат одговорноста за направениот избор. Пред секои избори владеачката гарнитура на ВМРО ДПМНЕ и нејзините гласноговорници сакаат да ни прикажат една успешна приказна за животот во Македонија, наспроти реалноста во која живееме. СДСМ, претставува политичка понуда која не е празна реторика туку чесен, реален добро осмислен и остварлив концепт за подобрување на животниот стандард и враќање на демократските општествени вредности  ќе и овозможат  европска, просперитетната иднина на Македонија, додаде Танасоски.

Од општинската СДСМ потенцираат дека политиката „богат и достоинствен народ“ е предуслов за просперитетна и безбедна држава.

– Изборните програми и отчети на ВМРО ДПМНЕ навистина се напишани на стотици страни, во нив се предложени стотици проекти со кои се фалат гласноговорниците по митинзи, ама сите ние знаеме колку навистина од тие ветувања се реализирани во реалниот живот: почнувајќи од стотиците километри автопати кои еве само што не започнале со изградба, стотиците странски ивеститори  кои само што не почнале да доаѓаат во државава,  мега аферите кои станаа синоним за грубо кршење на законите, сериозните сомневања за корупција и перење на пари во која се вклучени високи функционери од власта,  расипничкото и мегаломанско трошење на парите на даночните обврзници за непродуктивни намени, од кои граѓаните немат никаков бенефит, преплатените “проекти”, со кои под превезот на ” градење на идентитетот”, се крие злоупотреба на буџетските средства и сериозни сомневања за корупција на високо ниво, рече Танасоски.

Тој презентира дел од мерките содржани во изборната програма на СДСМ која, како што рече, нуди  реални и остварливи концепти. Меѓу нив, Враќање на 15% од ДДВ на секој граѓанин, Праведни даноци –намалување на персоналниот данок од 10% на 9%, Спроведување превентивна наместо репресивна казнена политика, Крај на грабежот и нови можности за развој, Подобар и правичен пензиски систем,  подобри шанси за младите.

OhridNews