Членовите на Студиото за танц „Соната“ од Охрид се вратија со грст награди од меѓународниот танцов натпревар кој се одржа изминатиот викенд во Врњачка Бања, Србија.

Климентина Гилевска во категоријата класичен балет соло јуниор жени го освоила златниот медал, а Сара Сталевска во истата категорија се закитила со сребрен медал. Во модерен балет соло јуниори жени, пак Сара Сталевска го освоила второто, а Климентина Гилевска третото место.

Во категоријата хип хоп соло јуниори жени Олгица Симеонова го освоила второто место, а заедно со Јетон Мусли во хип хоп дуо возрасни го освоила третото место. Јетон Мусли во категоријата хип хоп соло возрасни мажи освоил бронзен медал.

Даниел Наумовски, менаџер, танцов тренер и кореограф во „Соната“ вели дека е презадоволен од севкупниот пласман, бидејќи на ова натпреварување учествувале над 1600 танчери.

-На меѓународниот танцов натпревар во Врњачка Бања покажавме дека како студио сме меѓу најдобрите и дека тоа што го работиме е на високо професионално ниво. За жал е навистина тешко да се докажуваме на меѓународно ниво од причина што речиси целиот трошок паѓа врз натпреварувачите. Во моментов имаме голема поддршка од градоначалникот и општина Охрид,  но тоа не е доволно. Ги повикуваме сите општествено одговорни компании да инвестираат во оваа гранка на културата и спортот, зашто танцот е една уникатна можност младите преку забава да се грижат за своето здравје, вели Наумовски.

На 27 декември 2014 година Јетон Мусли и Олгица Симеонова патуваат за Параќин каде ќе се натпреваруваат во конкуренција со 350 танчери од Балканот.

OhridNews