Кандидатите за пратеници од Охрид во 5 Изборна единица: Лазе Таневски од СДСМ и Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, ги соочија своите гледашта и политички ставови на онлајн дебатата што се одржа на бродот „Армада“ во реализација на OhridNews  и Мега продукција.

Во дебатата која се емитуваше на социјалните мрежи и јутјуб каналот на OhridNews, кандидатите ги спротиставија мислењата околу изборите во време на коронавирусот, идејата за спојување на болниците за ортопедија и трауматологија и за кардиоваскуларни заболувања, за туризмот, за неизградениот автопат и за предизвикот на Охрид да го зачува статусот во УНЕСКО.

Кампањата во врема на коронавирусот ќе биде поинаква и поразлична од она што сме навикнати изминативе години. Нашите собири на отворен простор ќе бидат максимум до 50 луѓе додека во затворен простор со почитување на сите мерки и протоколи ќе бидат до 30 луѓе. Се надевам дека ќе имаме фер кампања и дека на крај коалцијата Можеме ќе ја слави победата. – истакна Таневски.

Оваа кампања може да ни покаже неколку нешта. Јас би издвоил дека кампањата може да се одвива на сосема поинаков начин од тој што до сега  го практикуваа политичките партии. Кампањата ќе биде кратка и  повеќе насочена кон социјалните мрежи и медиумите преку кои ние ќе ги испратиме нашите пораки. – рече Пецаков.

Неизвесноста околу спојувањето на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија и Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања продолжува.

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија и Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања, не можат да се спојат поради штетен договор кој е склучен пред 6-7 години и се уште е тој договор на сила. Има уште некои работи во тој договор кој треба да се расчитат а потоа може да се размислува за спојување на болниците. Начин за спојување на двете болници постои. Едниот начин е моменталната болница за Кардиологија да се претвори во рехабилитационен центар а интерветниот оддел да се префрли во болницата за ортопедија и трауматологија. Но, за ова прашање треба добро да се размисли и да се разговара. – истакна Таневски.

Дали може да се спојат двете болници треба да одговорат најкомпетeнtите за оваа тематика односно докторите од Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во координација со докторите од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија заедно со Министерството за здравство. Што се однесува до договорот кој бил штетен сакам да слушнам каde е штетата. Три и пол години не е ништо направено, а зборуваме за штетни договори. – реплицираше Пецаков.

Туризмот е секогаш жешка тема во Охрид. Но, сезонава која е во тек ќе биде различа од другите бидејќи е соочена со вирусот Ковид -19 кој се уште не спласнува.

Најпогодена гранка беше и се уште е туризмот. Актуелната влада донесе три сетови мерки без кои гарантинрам дека туризмот ќе колабираше и ќе имаше отпуштање на најмалку 2 500 работници во Охрид. Но, со помошта oд поддршката од Владата ние ги задржавме работниците и продолживме да функционираме. Следува нов, четврти сет на мерки кој ќе биде уште поголем и ќе биде од голема помош за сите. – изјави Таневски околу туризмот во Охрид.

 

Кога разговараме за туризам самата гранка опфаќа многу чинители кои работат и живеаат од него. Голем дел од туристичките работници се на работ од егзистенција. Не сите фирми користат помош и поддршка од Владата. За да се стигне до таа помош е потребно да исполниш одредени услови. Во соседните земји, Владата ја сервисираше целата плата на работниците. Кај нас се поставуваа услови, кои дополнително ја компликуваат ситуацијата која изгледа хаотично. – истакна Пецаков.

Автопатот Охрид – Кичево кој почна да се гради во 2014 година никако да се направи. Двете страни меѓусебно се обвинуваат, а инфраструктурата е повеќе е потребна за развој на Охрид.

Никаде во светот не е склучен договор каков што има за автопатот Охрид – Кичево. Ние се уште ги трпиме штетите од тој договор. Во договорот со кинеската фирма стои 6 милиони евра по километар а подизведувачите да добиваат 3 милиони евра. Каде отиде разликата? Со новото преговарање исклучиво со кинеската фирма стигнавме до цена од 3 милиони евра по километар. Автопатот почна да се гради, машините се на терен и очекуваме до крајот на 2021 година да биде отворен. – рече Таневски.

 

После 3,5 години на власт да кажете дека почнале машини да градат на автопатот, да зборувате за некои суми и цифри кои незнам дали се прецизни, да направите дополнителен договор од 190 милиони евра и да го оштетите постоечкиот пат е незамисливо. Што правевте вие 3,5 години колку што сте на власт? Едноставно ништо. – потенцираше Пецаков.

Двајцата соговорници се сложија дека Охрид мора да биде дел од УНЕСКО. Треба да се почитуваат сите забелешки и да не се отстапува од Планот за управување на Охридскиот регион.

УНЕСКО треба да биде нешто на што ќе Охрид ќе се потпира во иднина. Кога разговараме за УНЕСКО и планот кој е направен за охридскиот регион и заштита за културното и природното наследство во соработка со сите надлежни институции ние ја поддржавме иницијативата. Без разлика на исходот на изборите и кој е на власт планот мора да се спроведе и Охрид да го задржи статусот во УНЕСКО. Притоа не смее да има никаква селективност при уривањето на дивоградбите. Не може да има бетонска база на 50 метри од езерото. – вели Пецаков.

 

Охрид мора да биде дел од УНЕСКО, меѓутоа паралелно со тоа мора да се грижиме за развојот на Охрид. Ова ќе го направиме заедно сите. Ќе треба и да се гради, но со почитување на планот за управување со Охридскиот регион и препораките на УНЕСКО. Се согласувам, не смее и нема да има никаква селективност при справувањето со дивоградбите. – рече Таневски.

Целата дебата на кандидатите за пратеници Лазе Таневски (СДСМ) и Кирил Пецаков (ВМРО ДПМНЕ) погледнете ја на следниот линк.

OhridNews