Од 6 до 11 јули на сцената Долни Сарај, по 51- ви пат ќе се оддржи  една од најпрестижните културни манифестаци на Балканот и во Европа – Балкански фестивал на народни песни и игри.

Како што беше најавено на денешната прес- конференција, годинава фестивалот ќе го отвори ансамблот „Танец“, кој веќе шест децении претставува симбол на македонската култура и уметност и е амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво кај нас и на сите континенти на земјината топка.

Директорот на Танец, Зоран Џорлев, за првата фестивалска вечер најави изненадување за публиката.

Чест ни е што го отвораме фестивалот. Овој пат публиката ќе има можност да види малку поразлична програма, нема сега точно да откријам што, сепак тоа ќе биде нешто интересно со што повторно ќе го задржиме вниманието на публиката, рече Џорлев.

Фестивалот е во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“, а финансиски е поддржан од министерството за култура и пријателите на фестивалот.

Како што најави директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска, и годинава публиката ќе има можност да проследи настап на фолклорни ансамбли од соседните земји, но и гости од Европа и пошироко.

Овој фестивал се држи до традицијата, не менуваме многу работи, туку напротив се обидуваме да останеме верни на традицијата. Секоја од фестивалсите вечери ќе изобилува со фолклор и музика од земјите од кои доаѓаат ансамблите, потенцира Боцевска.

На 51- то издание на Балкански фестивал на народни песни и игри ќе настапат ансамблите од Хрватска, Албанија, Турција, Холандија, Бугарија, Австрија, Полска , Војводина, како и домашните ансамбли од Вевчани и Кичево.

Како што истакна Џорлев, кој воедно е и член на советот на фестивалот, тенденциија е да настапуваат ансамбли кои до сега не учествувале на фестивалот, а за идната година план е да гостуваат неколку професионални ансамбли.

Т.К.