Јохан Тарчуловски, по осум години  поминати во затвор, попладнево се врати во Македонија. Веднаш по пристигнувањето со владиниот авион на скопскиот аеродром „Александар Велики“ го пречекаа неговите деца и премиерот Никола Груевски.

На аеродромот беа членови на неговото семејство, пријатели и поддржувачи, владини министри, пратеници, како и голем број граѓани кои дојдоа лично да го поздрават и да му посакаат добредојде.

Здружението за поддршка на Јохан обезбеди 50 автобуси кои бесплатно сообраќаа до скопскиот аеродром „Александар Велики“ и потоа до плоштадот „Македонија“, како и 200 автобуси за оние граѓани од внатрешноста на државата кои сакаа да дојдат и да го пречекаат Тарчуловски.

Јохан денес има средба со премиерот Никола Груевски, а ќе положи и цвеќе пред Споменикот на бранителите кој се наоѓа во близина на Порта Македонија. На плоштадот „Македонија“ организирана е прослава во чест на враќањето на Тарчуловски, со познати пејачи од македонската забавна и фолк естрада.

Јохан Тарчуловски вчера беше ослободен од германскиот затвор во Диц откако издржа две третини од 12-годишната затворската казна што му ја изрече Хашкиот трибуналот за воени злосторства за случувањата во скопското село Љуботен.

OhridNews
МИА