Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во понеделник објави дека Тарчуловски, откако одлежал осум од неговата 12-годишна затворска казна, ќе биде ослободен, јави Балканската истражувачка мрежа, пренесува „Макфакс“.
Минатиот месец, по завршување на две третини од казната, Тарчуловски и формално стекна услов за предвремено ослободување.
Имајќи го ова предвид, „сметам дека Тарчуловски сега треба да биде ослободен“, соопшти претседателот на МКТЈ, Теодор Мерон.
Сѐ уште не е јасно кога точно тој ќе биде ослободен од притвор, наведува на својот интернет сајт Балканската истражувачка мрежа.
Притоа се потсетува дека во јули 2008 година, МКТЈ го осуди поранешниот полициски офицер Тарчуловски, за воени злосторства извршени за време на конфликт во Македонија во 2001 година, меѓу македонските безбедносни сили и етничките албански бунтовници.
Тој беше прогласен за виновен за водење на полициската единица која убила тројца цивили, етнички Албанци и извршила други злосторства во село Љуботен, скопско.
Судот го ослободи претпоставениот на Тарчуловски, поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, кој беше обвинет за командна одговорност.
Иако Тарчуловски беше осуден за воени злосторства, дел од граѓаните во Македонија го гледаат како национален херој, неправедно затворен заради одбрана на својата земја.
Надежта за предвремено ослободување на Тарчуловски се појави откако при крајот на 2012, беа изречени ослободителни пресуди за некогашниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај и за двајцата поранешни хрватски генерали, Анте Готовина и Младен Маркач.
извор:„Макфакс“