Поминав тежок период, имам измешани чувства, но среќен сум и возбуден што сум со вас.“, беа зборовите на Јохан Тарчуловски кои ги разнежнија срцата на толпата Македонци на плоштадот „Македонија“ кои дојдоа да му одадат почит откако осум години мина во затвор во Хаг, пренесува „Макфакс“.

Јохан Тарчуловски преку својот говор на плоштадот „Македонија“ пред својот народ и своето семејство се заблагодари за поддршката и ваквиот пречек.

Тарчуловски пристигна на аеродромот со владиниот авион околу 15 часот, а веднаш по слетувањето беше пречекан од неговото семејство и од премиерот Никола Груевски.

Ми се полни душата и срцето кога ве гледам обединети, сплотени – тоа е силата на оваа наша македонска земја. Тоа е она што на мене и на нас секогаш ни дава сила. Браќа и сестри, сакам да ви се заблагодарам за пречекот, почестен сум. Ви благодарам за целата поддршка на мене, моето семејство и мојот народ. Таа енергија, јас ја чувствував и таму и таа ми го јакнеше духот, ми помогна да победам се. Сите вие секогаш ќе можете да сметате за Јохан. Јас секогаш ќе останам со мојот македонски народ.“ – порача Јохан.

Времето минато во затвор, во друштво на, како што рече, на тие четири ѕида, Јохан го минал учејќи ја животната лекција.

Минав тежок период, имам измешани чувства, но среќен сум што сум со вас и возбуден. По долго време се враќам дома, во мојата Македонија. Одделен од родната грутка, соочен сам со себе, размислував за сé што се случи, анализирав. Научив животна лекција. Мислев на сите наши херои, на Гоце, на Даме, на Питу, на сите револуционери и борци, на моите соборци, на ’Тигрите’, на “Лавовите“, на полицијата, резервистите, доброволците. Знаев дека никогаш не згрешив, бев во право. Треба да се собере сила и да го ставиш грбот во поткрепа на својот народ. На земјата којашто те родила да и’ се оддолжиш кога си и’ потребен.“ – додаде Јохан.

Тарчуловски во својот емотивен говор посочи како се сака својата родна земја и колку е силна Македонија кога има обединет и сплотен народ.

Од срцето на Македонија ќе кажам дека секогаш и секаде ќе бидам спремен за Македонија. Јас одговорив на повикот. Врвна чест и должност е да се брани својот дом, својот народ, својата Македонија. Сите ние треба да сме свесни-Македонија е нашата татковина! Секој од нас треба да прави сé што може да вложува во Македонија. Само со заедништво можеме да ги добиеме сите битки, лошите работи да ги оставиме во минатото. Да се обединиме, тогаш сме силни. Така ќе не ценат повеќе, така и Бог ќе биде со нас, така Македонија ќе победи и ќе победува и натаму. Македонскиот народ е добар и работлив, знае да живее во слога со сите други граѓани без разлика на вера и нација. Но Македонскиот народ знае како да си ја брани својата земја. Има синови и ќерки кои животот ќе си го дадат за оваа Македонија.“ – истакна Тарчуловски.

Покрај тоа, тој се заблагодари на премиерот Никола Груевски кој му доаѓал на посета и му давал поддршка во тие моменти, како и на навивачката група Комити Скопје.

Јохан се заблагодари и на својата сопруга, искажувајќи колку му е тешко што неговите деца не растеле до него, но тој посочи дека ќе ги надокнади сите изгубени мигови со нив.

Јохан Тарчуловски во средата излезе од затворот во Диц, Германија и денеска се очекува да пристигне во Македонија. Во Германија го пречека неговата сопруга и блиските роднини и пријатели, а по излегувањето го бакнал македонското знаме.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во понеделник објави дека Тарчуловски, кој е единствениот осуденик од конфликтот во Македонија во 2001 година меѓу македонските безбедносни сили и паравоените формации на албанските бунтовници, откако одлежал осум од неговата 12-годишна затворска казна, ќе биде ослободен, јави Балканската истражувачка мрежа.

МКТЈ го осуди поранешниот полициски офицер Тарчуловски, за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, меѓу македонските безбедносни сили и етничките албански бунтовници.

Тој беше прогласен за виновен за водење на полициската единица која убила тројца цивили, етнички Албанци и извршила други злосторства во село Љуботен, скопско.

OhridNews

извор: „Макфакс“