Нема крај за вандализмот врз спомениците, последното обезглавување на бистата на поетот Славко Јаневски во Алејата на поетите во Струга е само уште еден инцидент во низата. Кој е мотивот кај вандалите за ваков чин и кои мерки ќе ги преземат институциите за да го заштитат културното добро!?

На оваа тема и за овогодинешната програма на фестивалот во новото издание на “Напладне” разговараме со Тодорче Тасевски директор на “Струшките вечери на поезијата.”

Ова за жал е еден од низата на сквернавење на споменици. Во мојот мандат такво нешто се случи во 2021 година со бистата на Анте Попоски. Моја претпоставка е дека се работи за вандалски чин, а не од користољубие, бидејќи бистата на Анте Попоски беше најдена фрлена во крајбрежјето. Во последниот случај бистата сеуште ја нема и се надевам во заедничка акција и со ОВР Струга и со напорите што Општината ги вложува ќе успеем да ја пронајдеме. Тоа би било најпосакуваното сценарио, да ја пронајденеме и исто како и бистата на Анте Попоски дополнително да ја фиксираме, зацврстиме за да биде оневозможена ваква работа во иднина, вели Тасевски.

За жал, додава Тасевски, покрај бистата на Славко Јаневски беа расклатени уште две бисти во обид да се откорнат.

Овие две бисти превентивно ги отстранивме и во тек е нивно дополнително осигурување и да ги вратиме со надеж дека вакви инциденти нема да се повторат. Потребно е подигање на јавната свест за тоа зошто овие споменици ги имаме. Надзорни камери и чувар служби не би го решиле проблемот. Можеби ќе треба една поширока акција, но суштината не е спомениците да се обезбедуваат со надзорни камери. Работата е да се подигне јавната свест кај општата јавност, потенцира.

Смета дека се работи за изолирани групи кои не само што прават матреријална штета, туку за прават штета и во однос на угледот на градот Струга.

OhridNews