За време на протестите на опозцијата на 8 јуни во Охрид, при регулирање на сообраќај, во два одделни инциденти приведени биле татко и син. Првиот порадин агресивно однесување кон полициски службеник, а вториот поради непочитување на наредба од службено лице, што, според нив, всушност го иницирало инцидентот.

Имено, според тврдењата на помладиот Марко Ќ., за време на протестот тој со возило бил упатен кон градското пристаниште, при што бил запрен од полициски службеник кај Крст-џамија, кој му кажал дека не може да помине од тука и треба да го промени правецот на движење. На прашањето од каде може да се упати до својата дестинација, според тврдењата на соговорникот, наводно тој добил грст навреди и закани веднаш да се оддалечи од местото. Тој тогаш според сопствено кажување го запрашал сообраќаецот „Кој му е проблемот“, по што, наводно, службеникот почнал да го влече за маица која му ја скинал. Настанала жестока расправија во која Мако Ќ. побарал да му биде платена оштета за за скинатата маица, по што тој бил приведен во полициска станица. Таму, според негово кажување бил видно вознемирен и викал, поради што бил врзан со лисици.

Додека траела расправијата Марко телефонски го повикал својот татко Драган, кој според негово кажување бил на пристаниште и веднаш се упатил на местото на инцидентот. Таму разговорот со полицаецот поради кој бил приведен неговиот син набрзо прераснал во расправија, при што и тој бил приведен. При приведувањето, на кое сведочеле повеќе граќани, според негово тврдење, бил удрен со сообраќајна стоп палка и бил навредуван. Вели дека не знае дали во афект возвратил, но смета дека врз него била употребена прекумерна сила, како и дека посочениот службеник наводно продолжил да го тепа и навредува на национална основа и откако тој бил ставен во полициско комбе.

Таткото и синот велат дека поседуваат лекарски извештаи врз основа на кои нивниот правен застапник поднел соодветна пријава пред надлежните институции за насилно однесување и навреда на национална основа. Најавуваат дека случајот ќе го тераат до крај, а очекуваат соодветна реакција и од внатрешната контрола на полицијата. Додаваат дека е недозволиво полициски службеник во град кој претендира да биде светски туристички центар така да се однесува кон граѓани, а уште помалку кон гости.

Од СВР Охрид, во билтенот објавен на 8 јуни, информираа дека истиот ден во 16,20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.Ќ.(56) од Охрид, поради агресивно однесување кон полициски службеник кој, на улицата „7 ноември“ во Охрид преземал службени дејствија. Од полицијата велат дека недозволиво е било какво агресивно однесување кон полициски службеник при преземање службени дејствија и дека против сторителот ќе биде поднесена соодветна пријава.

OhridNews