Познатиот виртуоз на виолина Џевад Рамаданоски и неговиот син Бајрам, во екот на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид 19, пријатно ги изненадија љубителите на народниот мелос и убавата музика, со инструментална преработка на старата народна македонска песна „Нарочува бело менде“, за прв пат испеана од легендарниот Александар Сариевски.

Со ова видео ја започнуваме музичката приказна наречена „Ramadanoski family- Dzevat & Sons”. Овој проект одамна се планираше и ете ова тешко време и не е толку лошо, најдовме доволно време за повеќе дружба и музицирање. Во наредните снимки ќе биде вклучен и помалиот син Тарик, кој што свири на пиано и бас гитара.– вели Џевад Рамаданоски.

Џевад Рамаданоски

Аудиото и видеото се снимени и едитирани во “HomeStudio” – Охрид. Џевад Рамаданоски го подготви аранжманот и свири на виолина, а Бајрам Рамаданоски на пиано и виолина.

Бајрам Рамаданоски

Аранжманот на песната е направен во современ стил, но многу потсетува на класично дело, иако се работи за народна песна постара од половина век. Формата е запазена и одговара на ориганалниот текст, се со цел додека ја слуша, да може секој во позадина да ја потпевнува. – додава Џевад.

Г.М.