Таткото на 23-годишната студентка која почина по брутално силување и претепување во автобус во индискиот град Њу Делхи, одлучи да го соопшти вистинското име на неговата ќерка – Џоти Сингх Панди, објави во неделата британскиот дневен весник Sunday People.

На 16-ти декември пет пијани мажи на возраст од 19 до 35 години и еден 17-годишен малолетник, силуваа и брутално со метална прачка претепаа во автобус во Њу Делхи 23-годишна студентка која од кино се враќала со својот пријател и по грешка влегле во автобусот. И покрај напорите на лекарите и извршените повеќе операции во Њу Делхи, на 26-ти декември таа беше префрлена во Сингапур каде од тешките повреди на внатрешните органи и мозокот почина на 29-ти декември.

Досега индиските медиуми девојката ја нарекуваа Аманат, бидејќи, според индискиот закон, името на жртвата на силување може да се открие само со нејзина согласност или, како во овој случај, со согласност на роднините на починатата. Од таа причина, индиската полиција поднесе тужба против телевизиски канал Zee News, откако беше објавено името на пријателот на жртвата, кој и самиот беше тешко повреден и претепан од насилниците. Според иследниците, тоа можело да доведе до идентификација на жртвата.

„Ние сакаме светот да го знае нејзиното (на Џоти) вистинско име. Јас сум горд на неа. Ако го кажеме нејзиното име, таа може ќе ги охрабри другите жени кои доживеале слични напади. Тие ќе ја добијат силата од мојата ќерка“, изјави за весникот таткото на починатата, Бадри Сингх Панди

Бруталното злосторство извршено над студентката Џоти доби голем публицитет, како во Индија, така и во светото. Во многу индиски градови спонтано беа организирани масовни протести, кои прераснаа во судири со полицијата. Со протестите се бараше не само казнување на сторителите на ова злосторство, туку, исто така, преземање поостри мерки во борбата против насилството врз жените во Индија. Новиот закон од оваа област активистите предлагаат да се именува според трагично починатата девојка. Од друга страна, индиската влада вети дека ќе ја заостри безбедноста во градовите, како и казнените мерки против сторителите на вакви дела.

OhridNews