Естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на линијата Талин–Охрид–Талин, почнувајќи од летната сезона во 2018 година, најави ТАВ Македонија. По успешните преговори што ги водеше маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, авиопревозникот ја потвдри својата одлука за почеток на операциите од Македонија, и ќе воведе сезонски летови од естонскиот главен град до македонскиот туристички бисер- Охрид, од почетокод на летната сезона во 2018 година.
– Среќни сме што најавуваме уште една нова дестинација од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до Талин, со која ќе оперира естонскиот авиопревозник „Нордика“ од 1. јуни следната година. Со сезонските летови на линијата Талин–Охрид– Талин, „Нордика“ еднаш неделно, секој петок, почнувајќи од 1. јуни сѐ до 15. септември, ќе носи туристи од Естонија на Охридското Езеро. Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето над 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, всушност отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – Естонија, и навистина сме среќни поради тоа, бидејќи ќе значи бенефит не само за аеродромот, туку и за целата туристичка заедница, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Според најавите на авиопревозникот, летот од Охрид до Талин ќе трае три часа. Билетите се пуштени во продажба од денеска со цени кои почнуваат од 99,90 евра.
„Нордика“ го промовира Охрид меѓу Естонците како најпопуларната дестинација за одмор во Македонија, како прекрасен и романтичен град со богата архитектура, со пејзажи кои го одземаат здивот, притоа потенцирајќи дека станува збор за град кој е под заштита на УНЕСКО. „Нордика“ е националниот авиопревозник на Естонија и нуди голем број летови од Талин до различни европски дестинации. Во соработка со партнерските авиопревозници нуди врзани летови до повеќе од 140 дестинации во светот.
Талин ќе биде петтата нова дестинација до која ТАВ воведе чартер-лет од охридскиот аеродром во изминатите две години, поврзувајќи го Охрид како најпозната туристичка дестинација со Естонија, која ќе стане сосема нов дојдовен пазар за Охрид, и за нови патници на охридскиот аеродром, но и за нови туристи на Охридското Езеро.
ТАВ годинава во јуни ги промовираше летовите од Полска на релацијата Катовице – Охрид – Катовице, додека во 2016 година успеа одново да го воспостави чартер-летот од Белград до Охрид, како и да воведе чартер-летови од уште две дестинации – Тел Авив и Брисел до охридскиот аеродром Св. Апостол Павле.
Со традиционалните чартер-летови од Амстердам и редовните линии до Цирих, Базел и Лондон кои функционираат преку целата година, охридскиот аеродром беше забележан и и од АЦИ и прогласен за еден од најбрзорастечките аеродроми во Европа, во својата категорија.
OhridNews













