Во рамки на програмата на „Охридско лето“, вечерва на сцената Долни Сарај ќе биде изведена театарската претстава „Вечера за глупаци“.

„Вечера за глупаци“ е приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева. Низ таа фарса од ситуации се отвора прашањето за тоа кои се вредностите што креираат квалитетен живот: дали тоа што може материјално да се поседува и општествениот сталеж или способноста да се сочувствува и да се биде искрен? Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси помеѓу крајностите, во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт,  чија предвидливост и контрола порано или подоцна стануваат мит.

Претставата е под  режисерската палка на  Ирена Стеријовска. Улогите ги толкуваат Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски, Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов, Столе Мицов. Претставата ќе започне во 21:00 часот и истата не се препорачува за лица помлади од 16-годишна возраст.

 

OhridNews