Во дворот на основното училиште „Св. Климент Охридски“, утревечер, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ публиката ќе има можност да ја проследи втората премиера од драмскиот дел на фестивалот, претставата   „Хамлет во пикантен сос“  во изведба на актерите од Театар Комедија- Скопје.

Станува збор за претстава работена според текст на Алдо Николај , а во режија на Александра Кардалевска која потенцира дека претставата го следи концептот карактеристичен за карневалската книжевност и обработува глобални теми.


–    Претставата има неочекувано трагичен тек, несвесно придвижуван токму од главниот готвач кој на крајот се обидува да опстане во време на политички превирања и промена на кралската власт. Токму, врската помеѓу хаотичниот свет на готвачот и случувањата во дворот, станува имплицитна стратешка идеја на текстот „Хамлет во пикантен сос“, вели режисерката  Кардалевска.

Освен младата актерска екипа, во претставата учествува и директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ,која се надева дека претставата ќе биде одлично примена од страна на публиката.

–    Кога режисерката го предложи текстот од Алдо Николај одма препознав уште една  хит претстава, затоа што станува збор за истиот автор на славната „Умри машки“, претстава  која се изигра повеќе од 150 пати. „Хамлет во пикантен сос“ е прекрасен текст и ние сме на ниво на текстот, се надевам публиката многу ќе ужива, вели актерката и директор на Театар Комедија, Јелена Жугиќ.

Почетокот на претставата е во 21 часот.

OhridNews