Театарската претстава „Кокошка“ според Николај Кољада на Театарот Вортекс од Скопје ќе биде изведена пред охриѓани во среда, 25.11.2026 година, на малата сала во Центарот за клутура „Григор Прличев“ Охрид со почеток во 20.00 часот.

Налик на еден отворен креативен процес, актерите од малиот театар, преку импровизација, баналност, комедија на апсурд, создаваат сѐ во овој миг, пред наши очи на сцена.
Тоа е нивниот метод за справување со внатрешниот хаос. Како своевидни џезери, импровизатори, големи аматери, неприкосновени таленти или само обични луѓе, ликовите се борат со игра против непредвидливото, неподносливото, она што е тешко да се признае, против лажното..
Во срцето на нивната претстава е младоста, таа го буди заспаниот дух на љубовта и радоста. Таа е бесна глиста во утробата на затворениот систем; немирна, искрена и гладна за промена. Таа се судира со навиките, рамнодушноста и стравот. Таа е кокошка!
Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, а во неа играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.
Костимограф во претставата е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, сценографија и музика на Teoдора Силјаноска, дизајн на плакатот на Михаил Велески, фотографии Луција Спасевска.
Карти по цена од 300 денари во продажба на билетарата која работи секој работен ден од 10.00-17.00 часот и 13:00-20:00 часот на денот на изведба на претставата.
OhridNews











