Театарската претстава за деца Пинокио овој петок ќе биде изведена во ООУ „Живко Чинго” во Велгошти во рамки на програмата на Општина Охрид „Културата расте со децата“.
Претставата во режија на Гоце Балада претставува современ театарски проект за деца и млади, кој што е надополнет со новокомпонирани музички песни за деца снимени во професионално музичко студио. Врз основа на тоа може да се каже дека оваа претстава претставува и еден современ мјузикл за деца и млади.
Во самата претстава, главниот лик Пинокио, има за цел преку неговите згоди и незгоди, на децата да им ја долови вистинската суштина на животот а тоа е дека “на лагата и се кратки нозете”, и дека оној кој лаже, завршува како Пинокио на кого му расти носот при секое лажење.
Во претставата учествуваат: Пинокио, Стариот Лисец, Џепето, Светлечката самовила и циркускиот кловн. Сите овие театарски ликови создаваат една волшебна театарска магија во која ќе ужива најмладата публика од 4 до 10 години.
Претставата ќе биде изведена со почеток во 12 часот.
OhridNews