Од
31-ви мај до 2. јуни Охрид ќе биде домаќин на првата средба на
акцијашите во Република Македонија. Настанот е во организација на
Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, а се очекува да земаат
учество над 200 бригадири од 32 градови од целиот Балкан.
–
Целта е тие да се потсетат на брегот на својата младост, но и на местата
кои ги градеа со несебичен ентузијазам, како водоводот Метропол –
Охрид, патот Охрид – Ресен, ископувањето на Амфитеатарот во Охрид, но и
работите изведени на многу други места низ Македонија, но и многу
подалеку. Тука секако треба да се спомнат автопатот Братство-Единство,
Стрежево, Мариово, Скопје, Попова Шапка, Плачковица, сите објекти во кои
бригадирите вложија дел од себе и нераскинливо се поврзаа со Охрид и
Република Македонија, порачуваат организаторите од „Брег на младоста“.
Според
претседателот на оваа организација, Зоран Стевоски, идејата е, од
Охрид, пламенот на акцијаштвото да се прошири низ цела Македонија и
пошироко.
– Во Охрид повторно ќе започне бајката „Брег на
младоста“, бајка која се одвиваше во далечната 1984 и 1985 година. На
истата локација ќе се соберат 150 луѓе од поранешните југословенски
простори, сега веќе познати признати лекари, професори, вредни рудари и
металци. Покрај нив ќе има и студенти и ученици. Ќе дојдат да се дружат,
да се забавуваат но и да работат, вели Стевоски.
Средбата на
акцијашите предвидува и многу дружење, крстарење со брод по езерото, но и
логорски оган и заедничка бригадирска вечер.