Ќе се врши реконструкција на кино секторот при Центарот за култура „Григор Прличев“, технички и кадровски ќе се доопремува Народниот театар.

Ова се дел од проектите одобрени од страна на владата, за чија реализација од државниот буџет издвоени се околу 4 милиони денари.

Очекуваме до крајот на годината да се изврши техничко осовременување на опремата на кино секторот при центарот, каде и претходно беа извршени одредени зафати за подобрување на условите за работа. Ставени сме во првата фаза за реконструкција во кино секторот и театарот, истакна директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска.

И раководителот на Народниот театар, Горан Стојаноски, задоволен од доделените средства на владата со кои ќе може да се изврши техничко доопремување на театарот и зголемување на кадарот.

Ќе се инвестира во осветлувачкиот и тонски парк на театарот, а ќе бидат набавени и едно или две возила со кои ќе може театарската екипа да патува и ги прикажува своите претстави и надвор од Охрид, потенцира Стојаноски најавувајќи уште четири премиери до крајот на годината.  

Боцевска и Стојаноски денес остварија средба со охридските пратеници Александар Николоски и Харалампие Шокароски, кои нагласија дека денешната средба е првата од низата вакви посети кои во идиниот период од нивна страна ќе се реализираат во сите национални установи. Целта е од прва рака да се чујат потребите на институциите, но и да се пренесат нивните потреби до надлежните, а воедно и потребите на граѓаните.

Новата форма на комуникација ја почнуваме токму од оваа институција во која има плодна и ентузијастичка атмосфера и каде се реализирани многу проекти.  Денес разговаравме за она што е одобрено, за осовремениување на кино опрема,  сцената, техничките услови, ангажирањето на дополнителен технички персонал  и стручни лица во театарот и центарот. Би сакал да ги мотивирам сите талентирани охриѓани да се запишуваат на факултетите за драмски уметности, како Охрид би продолжил да ја негува традицијата на квалитетни актерски имиња, рече Николоски.

Пратеникот Шокароски потенцира дека како пратеници тие и понатаму ќе го следат работењето на националните институции.
 
Театарот по една година работа е на прагот на петтата премиера. Со неговото работење се наметна нов квалитет во културниот живот во Охрид и прерасна  во култно место за охриѓани, за што се доказ преполните сали. Од наша страна ќе направиме се за да се обезбедат потребните средства за проектите на центарот и театарот, со цел да прерасне во национална установа која му прилега на градот, истакна пратеникот Шокароски.

Т. Кувенџиска