Технички персонал, без соодветна лиценца згрижува деца во охридските градинки, информира претседателката на Регионалниот одбор на СОНК за Охрид и Дебрца, Катерина Крстеска. Техничкиот персонал згрижува, прима, испраќа и ги храни децата, вели Крстеска.
Ги повикам инспекторите од Министерството за труд и социјална политика да влезат во градинка, да видат кој ги згрижува децата, дали тие лица имаат содветно образование, согласно Законот за детска заштита, дали имаат лиценци и дали се соодветни во време од штрајк да згрижуваат деца, вели Крстеска.
Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во Охрид, Ирина Милеска потврди дека технички персонал помагал, бидејќи дел од вработените се во штрајк, но само кратко за одредни потреби на воспитувачките и негователките, кои работат на згрижување на дечињата.
Технички персонал помага, само доколку негователот или воспитувачот има некаква потреба, да рече најмногу 10 до 15 минути во текот на денот. Дечињата ги примаат, чуваат и испраќаат лиценцирани негователи и воспитувачи. Досега немаме никаков проблем. И јас како директор помагам, помага и администрацијата. Се тече како и претходно, децата се згрижени како и пред штрајкот, ниту едно дете не е вратено, вели Милеска посочувајќи дека немаат проблем ниту со штрајкувачите, ниту со вработените.
Инаку, според Крстеска стабилна е состојбата со штрајкот во училиштата и градинките во Охрид и Дебрца. Штрајкувачите се на работа, но не извршуваа работни задачи, додава Крстеска потенцирајки го како демотивирачки притисокот од вчерашниот допис од Министерството за труд и социјална политика да се евидентираат штрајкувачите за да им се скратат дневниците, но додава дека го имамаат прочитано Законот за работни односи во делот на штрајкот и знаат како стојат работите.
Н.С.Ј.












