Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доцна синоќа оствари телефонски разговор со Државниот секретар на САД, г-ѓа Хилари Клинтон, на нејзино барање.

Како што информираат од Кабинеот на македонскиот претседател, Државниот секретар на САД изразила задоволство од одличните билатерални односи меѓу САД и Република Македонија.

-Партнерството со Република Македонија за нас е многу значајно и благодарни сме за придонесот кој го давате во ИСАФ, истакнала Клинтон.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов нагласил дека само брзата евроатлантска интеграција на сите земји од регионот може да донесе трајна стабилност, безбедност и просперитет.

-Вашата поддршка во насока на исчекор во деблокадата на ЕУ интеграцијата е од исклучително значење, и високо ја почитуваме вашата порака од Чикаго, истакнал македонскиот претседател при тоа нагласувајќи од какво значење за Република Македонија, но и за целиот регион претставува деблокадата на евроатлантската интеграција. Државниот секретар Клинтон нагласила дека САД е и ќе бидат партнер на Република Македонија, дека како и досега ќе ги помагаат стратешките цели на Република Македонија.

-Сите сакаат да ве видат во НАТО што поскоро и искрено се надевам дека ќе биде отстранета единствената пречка и дека ќе се изнајде достоинствено и практично решение за проблемот за името. Подготвени сме да помогнеме, истканала во телефонскиот разговор Хилари Клинтон.

Претседателот Иванов рекол дека изнаоѓање на заемно прифатливо решение би било од заемна корист и добро за двете соседни земји.

-Република Македонија активно и конструктивно учествува во процесот кој се води во ОН, и ние сме подготвени за заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени, истакнал македонскиот претседател.

OhridNews