Општина Охрид официјално ќе ја започне постапката за реализирање на проектот за изградба на нова Автобуска станица, откако Советот на општина Охрид ќе ја усвои Предлог Одлука за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, кое е наменето за изградба на овој инфраструктурен објект. Оваа предлог одлука е дел од дневниот ред на 30-та седница на Советот на општина Охрид која е закажана за 29-ти октомври 2014 година.

Се работи за локацијата на која во моментов фукционира постоечката автобуска станица и која веќе е понудена во рамки на новото издание на брошурата „Инвестирајте во Охрид“.

Во брошурата  пишува дека според урбанистичкиот план тука e планирано да се изгради нова модерна автобуска станица, која освен паркинг капацитет за автобуси, ќе вклучуваа и објекти за туристички информативен центар, угостителски објекти, подавници и други содржини. Според понудениот проект се работи за површина од 14.539 метри квадратни од кои во изграден објект ќе влезат вкупно 2.800 метри квадратни. Според планираното, објектот кој ќе биде изграден треба да биде со максимална висина од 10 метри.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески на прес конференција која се одржа неодамна, изјави дека за проектот автобуска станица, оваа локална власт не наследила никаква урбанистичко планска документација.

На земјиштето кое претходната власт го има наречено автобуска станица постоеја нерешени имотно правни односи. Согласно со документацијата, маркичката за градба не беше доволна за просторот и зафаќаше парцели кои што не се во сопственост на Република Македонија како би можела општина Охрид да ги користи. Сето тоа од нас бараше дополнителен анагажман и изработка на нова урбанистичко планска документација, така што и со тој процес финишираме и за скоро време уверени сме дека комплетната документациска постапка за изградба на автобуската станица ќе биде завршена, по што ќе следува тендерирање за избор на фирма која што би го добила на стопанисување тоа земјиште, со цел да се изгради нова автобуска станица, изјави  Спасески на 27-ми септември 2014 година.

Инаку изградбата на новата автобуска станица, беше еден од најприоритените проекти кои ги најавуваше градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, за време на предизборната кампања во март 2013 година.

Освен оваа точка, на дневниот ред на наредната седница, советниците ќе одлучуваат и за Предлог Одлуката за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија за изградба на Катна гаража, за Предлог Одлуката за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на  Република Македонија за изградба на Дом за стари лица, како и за 68 други точки.

 

Е.М