Тензично е на каменот 59, кај преминот на македонско-грчката граница. Македонија го забрани влезот за Авганистанци во земјата, па стотици луѓе се заглавени на грчката страна од границата, објави „Телма“. Како што минува времето, нивниот број се зголемува, а трпението ги напушта.
Освен забранетиот влез за мигранти од Авганистан, променети се и условите за пропуштање на мигранти од Сирија и Ирак. Покрај потврдите од грчката полиција, мигрантите мора да носат и оригинални лични документи, патна исправа или лична карта, во спротивно не може да ја поминат границата.
Полицијата не прецизира од кога е забранет влезот на мигранти од Авганистан во Македонија, а ваквата одлука не сака да ја потврди ниту Центарот за управување со кризи. Во моментов поради турканиците на мигрантите од Авганистан со грчката полиција и останатите мигранти, привремено е запрен протокот на македонска страна.
Според грчките медиуми, можна е навала од мигранти кај каменот 59, бидејќи веќе неколку илјади луѓе се пристигнати на бензинската станица во Поликастро.
OhridNews
Извор:„Телма“