За влакно бил избегнат поголем инцидент на изборот на Совет на урбаната заедница Видобишта, што се одржа во големата сала на општина Охрид. Тензиите нараснале откако од иницијаторот на средбата, локалната самоуправа, било побарано од дел од присутните граѓани да се легитимираат за да се утврди дали навистина живеат во населбата Видобишта, што не било прифатено. Во мачна атмосфера исполнета со многу навреди, закани и кошкања кои биле на раб на физичка пресметка, градоначалникот Александар Петрески, кој претседавал со состанокот, ја прекинал процедурата за избор на членови на Совет на урбаната заедница Видобишта и ја напуштил салата, заедно со дел од присутните.
На местото на случувањата пристигнала и полицијата, по што страстите набрзо се смириле. Дел од граѓаните останале во општинската сала и го продолжиле состанокот, на кој бил извршен избор на членови на советот на урбаната заедница Видобишта.
Инцидентот го потврди Локалната самоуправа, според која не постоеле регуларни услови да се изврши избор на членови на Совет на урбаната заедница Видобишта. Оттаму информираат дека изборот кој подоцна бил извршен од група граѓани е нелигитимен затоа што тој бил направен во отсуство на градоначалникот, кој согласно прописите го свикува и води состанокот за избор на членови на Совет на урбана заедница.












