Најновиот шампион на Меѓународниот ракометен турнир во Струга, АЕК Атина забележа тесен триумф 24-22 (12-11) над Охрид во тест средбата која се одигра денеска во СРЦ „Билјанини Извори“.

Првото полувреме помина во израмнета игра. Охриѓани на стартот од дуелот водеа и го контролираа резултатот, а грците во финишот успеаја да поведат и да го задржат водството до крајот на полувремето.

Воведните 10-тина минути од вториот дел го одлучија победникот. Охрид многу тешко ја погодуваше целта, додека гостинските ракометари имаа нешто подобра реализија и резултатски се одлепија на семафорот. „Гладијаторите“ во финишот намалија на минус два, но немаа сила за комплетен пресврт.

Десното крили Бобан Блажески постигна пет погодоци, по три реализираа Денис Тот и Мартин Ивановски. На голот Јагош Брауновиќ собра 9 успешни интервенции а Никола Даниловски три.

Следен контролен дуел за охридските ракометари е средбата со КЛ7, а потоа ќе учествуваат на ракометниот турнир во Тузла.

OhridNews