Иднината на освојувачот на последниот трофеј во Купот на Македонија, Пелистер се доведе под знак прашалник, откако битолскиот клуб поради финансиската криза остана без играчи, стручен штаб и другите чинители. Општината Битола со свое соопштение ги информираше битолчани и македонска јавност дека таа си ги исполнила обврските према клубот, но затаиле спонзорите.
– Општина Битола е 25% акционер во ФК Пелистер, а за 2017 година ги исплативме предвидените средства – 130.000 евра. Мнозински сопственици се Орка Холдинг, Пелистерка, ЗК Пелагонија и Жито Битола. Состојбата ја прави потешка тоа што сме на сред сезона, претпоследни на табелата и со мали шанси за опстанок. Клубот е во голема административна, правна и финансиска криза. Според нашите сознанија, клубот должи само за плати на фудбалерите меѓу 130.000-150.000 евра заклучно со крајот на 2017 година. Му се должат 24.000 евра на поранешниот тренер Наџи Шенсои, се должат околу 15.000 евра за превоз, се должи кон вработените во клубот, кон менаџери и останати ситни долгови. Во Пелистер во овој момент има само осум фудбалери, нема опрема, нема топки, па клубот е клинички мртов. Од правен аспект уште мнозински акционери се компаниите кои ги споменав, па иако си поднесоа оставки, истите не одржале акционерско собрание и оставките не ги верификувале. Од тој аспект, Општина Битола не може правно да го преземе управувањето со клубот. Упатуваме апел до мнозинските акционери да го исплатат долгот и клубот да го остават со чиста процедура. Без платени обврски, немаме обврски да го преземеме клубот. Свесни сме за ситуацијата во која се наоѓаме затоа рокот е денес или најдоцна утре. После утрешниот ден ќе биде прекасно за клубот. Општина Битола нема да се откаже од фудбалскиот клуб, но врзани ни се рацете за дејствување. Имаме комуникација со акционерите, тие бараат да им биде исплатен долг од околу 100.000 евра од пред една и пол година, но ние немаме правна основа тоа да го исплатиме. Доколку се исплатат обврските, ние ќе ја санираме остојбата. – рече Груевски.
Битолските „зелено бели“ мораат брзо да се екипираат и да започнат со подготовки за пролетната полусезона во која ги очекува тешка битка за опстанок, сезона после одличните настапи и успех во Купот на Македонија.
OhridNews