Шест икони со мотиви од повеќе светци нацртани на хартија и 12.000 денари е епилогот од тешката кражба извршена деновиве во црквата „Пресвета Бого родица“ во струшкото село Модрич.

Засега непознат сторител, ноќта на 20-ти односно рано утрото на 21-ви март, влегол во камбанаријата преку незаклучената врата, каде пронашол копач со кој го скршил катинарот од решетката на вратата на северната страна од црквата, но не успеал да ја отвори и да влезе во внатрешноста на црквата.

Сторителот, сепак, успеал да влезе од западната страна на црквата каде пронашол клупа  од која се искачил до прозорецот на висина од околу 2 метри. Тука, со употреба на физичка сила ги свиткал решетките, го скршил прозорското стакло и влегол во црквата. Веднаш започнал со пребарување и во еден плакар, позади иконостасот ги пронашол парите. При тоа, ги одзел и шесте икони  кои биле нацртани на хартија.

Полициската станица од Струга, по увидот што го изврши на лице место презема мерки за пронаоѓање на сторителот на тешката кражба. 

OhridNews