Вчера околу 11.20 часот на магистралниот пат Охрид-Ресен, во близина на превојот „Буково“, се случила сообраќајна незгода, во која, товарно возило „Мерцедес“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од 46 годишно лице од Ресен, излетало од коловозот, информира СВР Охрид.

Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот (44) од ресенското село Евла.

Во извлекувањето на повредените на повик на брзата помош помогнаа Професионалната противпожарна единица од Охрид и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Оперативниот центар на ПСС веднаш мобилизира два тима кои со комплетна опрема за спасување на комплексен технички терен во 12:15 часот пристигна на лице место и веднаш започна со извлекување на повредениот. Истиот за среќа беше во свесна состојба, но со тешки повреди на екстремитетите. На местото на несреќата претходно беа пристигнати и припадниците на Територијалната противпожарна единица од Охрид кои први му пристапија на повредениот и асистираа при извлекувањето. – информираат од Службата за спасување на планини и непристапни терени.

Двајцата повредени се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид каде им е укажана лекарска помош. По овластување на Јавен обвинител, на местото на незгодата, увид извршија полициски екипи.

Г.М.
Фото: Планинска спасителна служба