Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров вели дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија. Нагласува дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил.
Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров на денешната прес-конференција.

Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ „не им врви зборот“. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија, рече вицепремиерот Димитров.
Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Тоа, потенцира Димитров, не само што ќе го тргнело од дома, туку и ќе му го врзело зборот, затоа што, како што рече, дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.
Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат како ме нарекоа вирус поопасен од КОВИД. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе, рече Димитров.

Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите – на Копенхашките критериуми, рече вицепремиерот на, како што напомена, последната прес-конференција како владин функционер.
Kабинет на Заев: Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е да го каже тоа и да објасни зошто
Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија, наведува Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев на денеска изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димиров.

Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, се нагласува во реакцијата.
OhridNews











