Состојбата на повредените во тешката сообраќајна незгода, што денеска нешто по 13 часот се случи на регионалниот пат Дебар – Струга кај селото Велешта, е стабилна, информираат од специјалната болница Св. Еразмо во Охрид. Таму попладнево од општата болница во Струга беа пренесени тројца потешко повредени. Една жена кај која биле констатирани повреди на главата и рамето, по извршената имобилизација била пуштена на домашно лекување, додека другите двајца пациенти се задржани на понатамошно иследување.
-Сите пациенти се во стабилна состојба и во моментов се надвор од животна опасност. Еден од потешко повредените е пренесен на одделението за интензивна нега, каде се следи неговата здравствена состојба.-изјави Д-р Митре Милошоски – неврохирург во специјалната болница Св. Еразмо.
Д-р Митре Милошоски
Во судирот на минибус и камион, повредени беа 11 лица, повеќето ученици. Полесно повредените биле пренесени во општата болница во Струга, а по укажаната помош најголемиот дел од нив се пуштени на домашнио лекување.
Како што информираа од СВР Охрид, сообраќајната незгода се случила во момент кога минибусот со струшки регистарски таблици кој вршел превоз на патници на релацијата Лабуништа-Струга изгубил контрола над возилото и скршнал на спротивната коловозна лента при што со предниот дел удрил во левата страна во камион марка „Ивеко“ со скопски регистарски таблици. На местото на настанот извршен е увид, а истражните органи работат на утврдување на причините кои довеле до сообраќајната незгода.
Г.М.