Ракометарите на Еурофарм Работник со минални 26-25 (12-12) го совладаа Пелистер во градската дерби пресметка која се одигра во 4-та рунда од плејофот во Супер лигата.


„Фармацевтите“ од трет обид го совладаа градскиот ривал, откако два пати во регуларниот дел од Супер лигата мораа да му пуштат рака на „поголемиот брат“.

Тимот на Еурофарм Работник до победата стигна со ефикасната игра во финишот и добрата престава на Градимир Чанески на голот.

Еурофарм Работник губеше 24-21, а со серија 4-0 го сврте резултатот во своја полза 25-24. Двете екипи реализираа по еден напад, а последниот им припадна на „пелистерци“ кои изнудија удар од седум метри. Чанески го скроти ударот на Николиќ и ја одбрани миналната предност на семафорот.

„Фармацевтите“ со овој триумф се изедначија со Охрид на табелата кој со две победи и два порази по четири одиграни мечеви се наоѓа на третата позиција на табелата.

Следната петта рунда во плејофот од Супер лигата се игра в среда на 26 април, а викендов кој доаѓа на програмата се мечевите од 1/4 финалето во Купот на Македонија.

OhridNews