Актуелниот освојувач Тетекс и второпласираниот Металург ќе играат во финалето од Купот на Македонија.



Бранителот на трофејот во Купот на Македонија, Тетекс со “тениски“ 6-0 го совлада второлигашот Тиквеш и обезбеди пласман во финалето. Отпорот на гостите го скрши Јованоски во 19-та минута, во 24-та минута прецизен беше Глигоровски. Со автоголот на Лостов во 28-та минута “штофарите“ зголемија на 3-0.


“Решетењето“ на мрежата на Тиквеш продолжи во вториот дел со вториот погодок на Глигоровски во 54-та минута. Симовски во 69-та минута погоди за “петарда“ додека конечните 6-0 ги постави Силјаноски во 84-та минута.


Металург втор пат во четири дена успеа да го совлада Напредок во Кичево но сега во 1/2 финалето од Купот на Македонија. Првиот натпревар заврши без голови 0-0 за во реванш мечот Металург со 2-0 да биде поуспешен и да обезбеди прво финале во својата историја. Стрелци за “зелените“ беа Крстев и Тенекеџиев во 20-та односно 45-та минута.


Големото финале во Купот на Македонија ќе се одигра на 24 мај(вторник) на арената “Филип Втори“.

Мх.П.