Викендот пред Први мај, кој вообичаено е репер за претстојната туристичка сезона, го донесе првиот поголем бран туристи во Охрид. Нив  градот ги дочека со стари проблеми. Во строгиот центар повторно се распалија скарите и се поставени голем број тезги, урбана опрема и разни забавни реквизити…

Од општинскиот инспекторат признаваат дека постојат проблеми на терен, но посочуваат дека урбаната опрема се поставува во согласност со правилникот што го носи Советот, а се што е надвор од тоа се санкционира.

-Инспекторатот е на терен, почнаа да се отстрануваат тезгите кои што уште пред почетокот на летната сезона се поставени и се пратени пријави до прекршочната комисија при министерството за транспорт и врски, вели Танас Танасоски, раководител на Општинскиот инспекторат.

И покрај најавите, градот се’ уште ги нема унифицирано тезгите, па сувенирите  и други ситни производи, но и храна и пијалаци се продаваат во импровизирани услови што создава грда слика. Дали оваа туристичка сезона нешто ќе се промени, ќе зависи од одлуката на Советот, кој на една од следните седници треба да расправа за поставување на урбана опрема во центарот на градот.

OhridNews