Тезгите со сувенири и детските реквизити кои секоја летна сезона го окупираат центарот на Охрид и прават вистински панаѓур од шеталиштето, треба да станат минато. Целокупната дислокација на овие времени објекти од централното градско подрачје ја предлага Општинскиот комунален инспекторат, кој изминатава летна сезона се соочил низа проблеми поради преголемиот број на тезги.

-Согласно програмата за поставување на времена урбана оперма, во текот на летната сезона во Охрид биле издадени дозволи за поставување  91 тезга. Ова е преголема бројка, ако го имаме во предвид целокупниот празен простор во центарот и по шеталиштето. Оваа слика се повторува години наназад. Сметам дека крајно време е да се направи една  инцијатива и да се намали бројот на тезги кои што се даваат под закуп или да се размисли дали воопшто е потребно  да се поставуваат тезги во централното подрачје, вели Танас Танасоски, раководител на Комуналниот инспекторат, при Општина Охрид.

Тој смета дека ваквата одлука би била од голема полза за Охрид и за неговиот туристички имиџ.

-Мораме сериозно да рзмислуваме на оваа тема и мислам дека имаме време да донесеме добро решение за наредната сезона да не ни се повтори сликата која што ја имавме годинава. Доколу општината смета дека од економски аспект треба да им се помогне на сопствениците на тезги, нека определи друга локација која е  надвор од централното подрачје. Тоа може да биде во комплексот кај Билјанини извори или по рекреативната патека после Студенчишта, истакна Танасоски.

Тој објасни дека покрај големиот број на тезги,  во текот на изминатото лето инспекторите се соочиле со низа проблеми и поради злоупотреба на намената на тезгите.

-Летово буквално стана пракса наместо соодветниот производ, за кој сопственикот има склучено договор, да се продава сосем друг тип на артикли, кои немаат никаква сличност со првенствено добиената согласност. Така, се јавуваа случаи кога наместо продажба на сувенири, времените објекти да се користат за продажба на семки , крофни, или друг вид на храна, која патем е забранета за продажба на јавен простор и во несоодветни услови, укажува Тансоски.

Тој потенцираше дека во текот на летото биле издадени 47 Решенија за отстранување на диво поставени тезги, биле поднесени 34 барања за поведување прекршочна постапка за дел од сопствениците, а  13 сопственици на тезги платиле и глоба.

OhridNews