Деновиве охриѓани и туристите кои престојуваат на охридската ривиера, ги користат сончевите денови за прошетка низ централното градско подрачје.
Покрај украсите, новогодишната елка и лизгалиштето на мраз, неизоставен дел од охридската чаршија се и тезгите за продажба на забавни реквизити и украси, чии продавачи најдобро можат да оценат колкава е раздвиженоста во централното подрачје во овој дел од годината.
„Во овој дел од градот, раздвиженост има во текот на попладневните часови. Претежно не посетуваат наши сограѓани, но тука се и странските гости кои нормално се во помал број. Најмладите купуваат честитки, некои капи, а трети новогодишни украси и маски. Се на се, постои златна средина кога сме кај продажбата на реквизитите.“ – вели продавач на новогодишни украси, чија тезга се наоѓа на во близина на стариот Чинар.
Повеќето со став дека за разлика од минатата година, продажбата на новогодишни реквизити постепено се зголемува.
„Продажбата е нешто поголема за разлика од другите години, има раздвижување, а нормално дека се надеваме на поголем пазар во периодот кој претстои. Иако времето е студено, сонцето ги намамува не само охриѓани, туку и оние туристи кои што доаѓаат во градот, да поминат оттука и да купат нешто за своите најблиски.“ – велат дел од охридските продавачи на новогодишни украси.
Инаку, според најавите на туристичките работници, Охрид за претстојните празници ќе биде целосно исполнет, а во хотелите речиси и да нема слободни места. Најбројни ќе бидат гостите од соседните Србија, Бугарија, Албанија и Црна Гора, а Нова година во Охрид ќе ја слават и туристи од Израел и далечната Кина.
OhridNews