Македонија е отворена за промена на своето име, за кое Атина смета дека е „украдено од северната грчка провинција“, пишува британски The Guardian, пренесува „Макфакс“.

Македонскиот премиер вели дека тој е отворен за промена на името на земјата, зголемувајќи ги надежите дека ќе му биде ставен крај на еден од светските најневообичаени проблеми, односно 24-годишниот спор со Грција, пишува британсиот весник.

Во тексот се вели дека премиерот Никола Груевски е подготвен да го отвори дијалогот по ова прашање со Грција, под услов секоја потенцијална промена на името да биде потоа ставена на референдум на кој граѓаните ќе гласаат. „Подготвени сме за дискусии, да го отвориме дијалогот со нив и да најдеме некое решение“, изјавил Груевски во интервју за Guardian.

Весникот додава дека овој спор ја натера Грција да го блокира својот сосед од зачленувањето во ЕУ и НАТО, и доведе до тоа Обединетите нации (ОН) Македонија да ја нарекуваат „Поранешната југословенска Република Македонија“, се додека не биде постигнато решение. Меѓу предлозите за промена беа и внесувањето на одредници како „горна“ или “нова“ до формалниот опис на името Македонија, но никогаш не беше постигната согласност за некаква промена.

„Би сакале што поскоро да имаме дијалог со Грција и да постигнеме решение, и ако најдеме решение тогаш тоа ќе го претставиме пред граѓаните и ќе организираме референдум. Ние дијалогот мораме да најдеме некакво решение, и потоа да ги прашаме граѓаните дали е ова правилно, или пак не е“, изјавил Груевски во интервјуто за британскиот весник.

Во текстот се додава дека и од двете страни во последно време има сигнали дека проблемот може да биде решен. Пред неговата посета на Атина во четврток, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски изразил оптимизам, односно во изјава за грчкиот весник Kathimerini порачал дека „условите се повеќе од зрели“ за изнаоѓање на решение за спорот со името. Посетата, која ќе биде прва во 15 години, може да значи дека со оглед на тоа што Грција е економски на своите колена и во екот на бегалската криза, балканските соседи конечно се подготвени да подготват терен за компромис.

Мерките за градењето на доберва помогнаа за да се подобрат односите меѓу двете земји, а за време на посетата на Скопје во јуни, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас изјави дека „Грција сака сите свои соседи да бидат членки на ЕУ, бидејќи таа во голема мера зависи од тоа што се случува на Балканот како целина“.

Британскиот весник додава дека стравовите кај Атина од територијална агресија кон грчката провинција Македонија од страна на „една мала земја која сака ексклузивно право на името“, со текот на времето веќе исчезнале.

Откако претходно грчката страна потенцираше дека нема да дозволи име кое ќе го содржи терминот „ Македонија“, во 2007-та година Атина порача дека ќе биде согласна доколку се постигне решение за сложено име кое ќе го содржи и овој термин. Спротивната страна пак продолжи да инсистира да се нарекува Република Македонија.

„Отидовме чекор подалеку, предложивме сложено име со географска одредница за севкупна употреба“, изјавил за The Guardian неименуван извор од грчкото министерство за надворешни работи.

Проблемот во четвртокот ќе биде главна тема на разговорите помеѓу Коѕиас и Попоски во Атина, а брзо решение секако дека не се очекува, додава британскиот весник. Сепак, посетата на Попоски и потребата да им се обрне внимание на поголемите проблеми, можеби го најавува почетокот на крајот на еден од најчудните светски дипломатски спорови, заклучува The Guardian.

Премиерот Никола Груевски денеска ги демантираше пишувањата на британскиот весник The Guardian, каде се вели дека „Скопје е подготвено да разговара за промена на името и на тој начин да го реши 24-годишниот спор за името“.

„Такво нешто не сум изјавил. Ние ќе реагираме и до Guardian. Тоа се гледа и од самиот текст каде што очигледно е дека се работи за новинарски коментар, а не за моја изјава. Тоа е кристално јасно. Вакви провокации имало и ќе има и ние сме навикнати на тоа. Очигледно темата за името станува популарна периодов точно како што претпоставуваме и вакви тенденциозни и погрешни интерпретации од многумина кои не му сакаат добро на процесот и имаат потреба од лажен ексклузивитет или одработуваат нечија агенда се очекувани“, стои во писмената изјава на Груевски. 

OhridNews
извор:„Макфакс“

Во продажба пуштени влезниците за „Зимската бајка“ со безвременските македонски евергрини и најкреативниот хумор