Во летниот период Охрид беше домаќин на низа културни, забавни и музички настани, кои на еден начин требеа да ги задоволат апетите на најпребирливите гости на ривиерата.
Иако многумина сметаа дека музичките збиднувања во градот треба да бидат рапосредени во текот на целото лето, сепак овој викенд по се изгледа ќе биде „најжешкиот“ во оваа туристичка сезона.
На сцената на „Античкиот театар“, со настап на феноменалниот интернационален вокално-театарски перфоманс – The Voca People, продолжува фестивалот „Охридско лето“. Многумина очекуваат одлична претстава на израелската вокално-театарска „дружина“, која комбинира со звуците на бит-боксот.
Дека музичката понуда на градот е различна говори и долгонајавуваниот концерт на српската и балканска пејачка, Светлана Ражнатовиќ – Цеца. Пред публиката, која се очекува да допатува од сите краеви на земјава, но и од надвор, ќе бидат претставени песни од новиот албум, со кој Цеца веќе има наполнато сали и стадиони низ целиот Балкан. Според организаторите, стадионот „Билјанини извори“ ќе биде претесен за да ги собере нејзините фанови.
Од друга страна, вечерва е и отворањето на традиционалното пето фестивалско издание на Green Beach Festival, крај брегот на плажата „Парк“. Иако беше најавен од претходно, еден од најдобрите светски диџеи Danny Tenaglia нема да биде дел од вечерашниот концерт поради смрт на негов близок роднина. Организаторите најавуваат дополнување на забавата, со цел присутните да не го почувствуваат отсуството на најголемата ѕвезда.
На 2-ри август на Античкиот театар во Охрид ќе биде изведен музичко-сценски настан „Музика универзалис“, на кој диџејот Дерик Меј, еден од пионерите на детроитската техно-сцена, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија. Концертот ќе биде спој на електронска и класична музика на симфонискиот оркестар, проследен со светлосни ефекти, видео и аудио поддршка како и специфични костими.
Истиот ден на плажата „Немо“ ќе се одржи првото издание од „White Explosion“ со DJ Sak Noel, Sandy Rivera, а организаторите најавуваат екстремно доживување и електронски настан број еден ова лето.
OhridNews