Со стоечки овации беа наградени актерите на Охридскиот народен театар за извонредната изведба на хит претставата „Детектор за лаги“, која синоќа имаше уште еднo успешнo издание во преполната мала сала на Центарот за култура во Охрид. 

Јасмина Билаловиќ, Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски, до солзи ги насмеаја присутните во салата. Интересен момент се случи при крајот на претставата. Имено, кога кулминираше дејствието на урнебесната комедија, среде дијалог заѕвони мобилен телефон во гледалиштето, по што следеше исклучителна импровизација од актерот Стаматовски. Тој во тие моменти упатуваше наредба до својот колега на сцената, но ја пренасочи кон неодговорниот гледач обраќајќи му се со зборовите: „Ти наредувам да го исклучиш телефонот!“, што предизвика смеа и бурен аплауз во публиката.

За жал, не е прв пат гледачите да не ги почитуваат правилата на однесување на културни настани. Вклучените телефони ги деконцентрираат актерите, но им пречат и на останатите присутни во салата. По синоќа издадената „наредба“, можеби работите ќе се сменат.

Г.М.