Кога португалците стигнаа во тренинг кампот во Полска нивните очекувања не беа така високи. Како дел од групата на смртта и со само три победи во мечевите во 2012 година, малкумина веруваа дека “селесао“ на Паоло Бенто може да дотрука до полуфиналето.


Тактика: Бенто не менуваше многу. Истите 11 мина стартуваа на досега одиграните четири меча, како и на оние од плејофот против Бих. Повредата на Хелдер Постига, ќе го поремети овој ритам, иако нема да се менува 4-3-3 формацијата со еден истурен напаѓач, во случајотв Хуго Алмеида и крилата Роналдо и Нани.


Кристијано Роналдо е клучниот фудбалер во составот. Тој на два пати ги извлече “европските бразилци“ од бездната. Погоди два пати против Холандија, а беше стрелец на погодокот вреден полуфинале против Чешка.


– Тој е многу вреден фудбалер. Одличен е со глава, со нога и многу е брз – вели неговиот соиграч Мутињо.

Екипата покажува единство, желба, посветеност но и одредена доза на нервоза во тренинг центарот. Дефанзивецот Рикардо Коста вели дека не се премногу зависни од Роналдо.
– “Ние сме зависни од Рикардо, Едуардо, Меирлеш. Кристијано е најдобриот играч на светот многу ни помага но не зависиме само од него”


Спориот старт на мечевите е најголемиот проблем за Португлија. На трите меча во групата беа во негатива, на два пати успеаа да го завртат резултатот, но не и против Германија која е единствената селекција која има четири победи во исто толку меча.


Оптимистички расположени се медиумите во Португалија. Португалскиот весник Рекорд пишува “Португалија не се плаши од Шпанија“, додека О Жого се фокусира на капитенот и талисман Роналдо : Подобар од Меси и од останатите“.

Мечот Португалија – Шпанија се игра со почеток во 20.45 минути, а ќе го води турскиот арбитар Чакир.

Ohridnews