Украинското државно обвинителство има
„необорливи докази“ за вмешаноста на поранешната украинска претседателка
Јулија Тимошенко во убиството на Евгениј Шчербан, пратеник и бизнисмен
во 1996 година, изјави заменикот претседателот на украинската Рада,
Ринат Кузмин, пренесува „Макфакс“.

Во ноември 1996 година, бизнисменот Евгениј Шчербан, кој тогаш ја
извршуваше функцијата заменик на претседателот на украинскиот парламент
(Радата), беше ликвидиран на аеродромот во источниот град Доњецк. Во
нападот беа убиени и неговата сопруга и еден припадник на персоналот на
аеродромот.

По 2000 година за ова убиство беа уапсени и осудени на затворски казни
осум лица. Тројца од нив се осудени на доживотни затворски казни, пишува
РИА Новости.

Павел Лазаренко кој во периодот 1996-1997 година беше премиер на
Украина, е осуден како главниот налогодавец на убиството. Тој моментално
отслужува затворска казна во САД поради перење пари.

Во интервјуто за украинската телевизија Интер ТВ, заменикот на спикерот
на украинскиот парламент, Ринат Кузмин тврди дека „парите префрлени на
сметките на убијците потекнуваат од компанијата во сопственост на
Лазаренко и Тимошенко“.

„Дури, компанијата Somali Enterprises којашто ги префрлала парите за
убиството на Шчербан, исто така, префрлала пази за купувањата на Јулија
Тимошенко на капути, будни, накит и плаќање на нејзините хотелски и
ресторански сметки“.

Наталија Лисова, која се јавува како портпарол на поранешната украинска
премиерка Јулија Тимошенко, ги отфрла тврдењата за вмешаност во
убиството на Шчербан коментирајќи ги како „обична глупост“.

Тимошенко, ќе биде пуштена од затворот во Киев поради лечење во
медицинските установи во семјата, бидејќи тоа не е можно во затворот,
соопшти во вторникот украинскиот претседател Виктор Јанукович.

Случајот Тимошенко предизвика тензии на релација Украина и Европската
унија. Претседателот Јанукович е под притисок на ЕУ да ја ослободи
лидерката на опозицијата којашто ја победи на претседателките избори во
февруари во 2010 година. Тимошенко и нејзините приврзаници тврдат дека
станува збор за политички мотивиран процес.

Поранешата украинска премиерка Јулија Тимошенко на 11-ти октомври беше
осудена на седум години затвор за злоупотреба на овластувањата и
положбата при склучување договори за набавка на гас со Русија во 2009
година и во моментов е на издржување на казната. Таа беше притворена во
почетокот на август.

Тимошенко, исто така, е обвинета и за злоупотреба на положбата во
соединето дело по обвинение за нелегално користење на парите добиени од
продажбата на квотите за емисија на стакленички гасови доделени на
Украина во рамките на Протоколот од Кјото и нелегалното, според
украинскиот јавен обвинител, купување на амбулантни возила по повисоки
цени. Исто така, уште се води истрага за двата случаи кои се однесуваат
на управувањето на Тимошенко со компанијата за увоз на природен гас
„Обединети енергетски системи на Украина” во 1990-те година.

Пред две седмици даночната полиција на Украина ги обнови истрагите во
четири кривични предмети против поранешната премиерка Јулија Тимошенко,
кои се однесуваат на затајување данок во втората половина од 1990-тите,
кога таа ја водеше компанијата „Обединети енергетски системи на
Украина“.

Претходно во средината на октомври, Службата за безбедност на Украина,
исто така, соопшти дека иницирала нова кривична постапка против
Тимошенко. Според истрагата, овојпат станува збор за долг од 405 милиони
долари, кој во 1996 година го сторила корпорацијата „Обединети
енергетски системи на Украина” спрема министерството за одбрана на
Русија во периодот кога со неа раководела Тимошенко. Според соопштението
на Службата за безбедност на Украина, Тимошенко е обвинета за тоа што
како претседател и де факто сопственик на корпорацијата, по претходен
договор со поранешниот премиер Павел Лазаренко извршила обид за
проневера и оштетување на државниот буџет на Украина во голем обем.

OhridNews
извор: „Макфакс“