Дванаесетте јавни обвинители кои го сочинуваат тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева денеска дадоа свечена заклетва во Советот на јавни обвинители. Тие се обврзаа дека во вршењето на функцијата ќе го почитуват Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори.
Тимот на Јанева од понеделник ќе ги преземат предметите, кога и ќе започнат со работа. Јанева рече дека не знае колкав е бројот на предметите, бидејќи од понеделник ќе се обратат до институциите.
–Тимот е спој на искуство и младост. Сите се доволно авторитетни, професионални и кредибилни личности, кои знам дека можат да одговорат на предизвикот. Мојот кабинет е веќе подготвен да ја преземе работата и веќе се има активности. Обвинителите сами ќе си ги избираат своите тимови со кои ќе работат. Предвидено е секој обвинител да има по двајца истражители и двајца стручни соработници,изјави Јанева.
Обвинителката нагласи дека притисоци засега нема, ниту пак имало и оти се надева дека и понатаму ќе ги нема.
На најавите дека Законот за Специјално јавно обвинителство ќе биде оспорен пред Уставниот суд, Јанева рече дека овој Суд мора да ги почитува законите и да донесе законска одлука. – Не можам јас да коментирам уставни одлуки во овој момент, додаде Јанева.
Во врска со информирањето за работата на Специјалното јавно обвинителство, Јанева рече дека во секој момент ќе бидат транспарентни кон јавноста, дека засега нема да има портпарол и оти таа ќе дава изјави за сите активности.
Советот на јавни обвинители вчера едногласно ги избра обвинителите: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал. Тие им се придружија на седумте обвинители избрани претходно: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.
Неизборот на целиот тим што го предложи Јанева беше едно од спорните прашања што го кочеше меѓупартскиот дијалог за спроведување на договорот од Пржино.
OhridNews
Извор:„МИА“