-Искажувам благодарност до сите оние кои што предложиле и оние што одлучиле, ова високо одликување да падне во раце на Македонската православна црква, бидејќи јас лично ништо не сум направил, туку се што сум работел, сум работел во името на Господ, во името на Свети Климент и во името на Македонскиот народ, рече Митрополитот Тимотеј, во своето обраќање на Свечената академија во чест на Свети Климент, патронот на Охрид.

Според образложениeто на Охридската локална самоуправа, Митрополитот Тимотеј, го заслужил највисокото општинско признание, по повод 30 годишнината од неговата работа во Охрид.
– Господин Тимотеј со голем елан стана голем градител на нови цркви, иницијатор и реализатор на проекти за реконструкција на постојните цркви и манастири. Во изминатиот период тој остварил околу 200 осветувања на цркви и црковни објекти, а најголемите активности на тој план ги реализирал токму во Охрид. Благодарение на Владиката Тимотеј, се возобнови забранетата традиција на фрлање на крстот во водите на Охридското Езеро, на православниот празнк Богојавление Водици. Со овој црковно народен собир, Охрид е еден од најпосетените градови во земјите на православијето, беше речено вчера, за време на доделувањето на Свети Климентовата награда.

Митополитот Тимотеј беше номиниран за општинското признание, од страна на Здржението Богојавление, а освен него за оваа престижна награда годинава беа пријавени и Устијан и Даниела Војнески, Славе Ѓорго Димоски, Ѓорѓи Трпчески, Димче Јанко, Александар Леко Радиќ, д-р Никола Бошале и Драги Поп Стефанија.
Повелби „Свети Климент-патрон на Охрид” годинава добија професорката Соња Думбалова Делова, универзитетскиот професор Јован Шикоски и претседателот на Младинскиот совет во Охрид, Димче Каневче.











